Кандидат за Градоначалник на Град Скопје

Проф. д-р. Горан Марковски

Манифест: Три чекори за ново Скопје

Скопје денес е град во кој буквално се бориме за живот. Ова веќе не е метафора.

Две депонии горат со недели, воздухот е отровен, а зимата носи нови месеци загадување. Ова лето, цели населби останаа без вода, предупредувајќи дека и најосновниот ресурс станува несигурен.

На улиците, сообраќајот е хаотичен и опасен – луѓе гинат на пешачки премини. Градот тоне во сметјавниот превоз не функционира, а културната понуда е сведена на увезени настани наместо сопствени идеи.

Во сето тоа, корупцијата постојано наоѓа нови начини да зема животи – од занемарени стандарди до трагедии што можеле да се спречат.

А партиските чиновници, платени од нашите пари, си играат со нашето достоинство – или се недостапни или ненадлежни за секој елементарен проблем, освен кога треба да се среди партиска зделка или коруптивна шема.

Ние не сме професионални политичари. Имаме свои професии, семејства и обврски.
Но дојде момент кога веќе не можеме само да гледаме и да молчиме.
Нема кој друг да го направи ова наместо нас. 
Посебно не оние кои 30 години ни ги спуштаат критериумите за нормалност сè пониско.
 
Затоа решивме самите да влеземе во оваа борба – со надеж дека ќе ни се приклучат уште многу граѓани со интегритет кои го чувствуваат истото.

Како Независни Заедно, обединети сме околу три вредности:

  • Независност – личен интегритет и слобода од партиски притисок 
  • Стручност – луѓе со знаење и искуство кои знаат да решаваат проблеми
  • Визија – поглед напред кон град кој не само што преживува, туку се оди напред и инспирира.

Овие вредности ги преточивме во три јасни чекори, неопходни и остварливи:
1️⃣ Со независност да го сопреме уништувањето на Скопје
Првиот чекор е, со независност, да ја пресечеме силата што го влече градот надолу – да ги стопираме вработувањата и одлучувањата по партиски принцип и со партиски притисок, и преку принцип на независност, стручност и одговорност и да создадеме институции што ќе работат за граѓаните.
Само така ќе ја запреме спиралата на уништување и ќе создадеме простор за вистински почеток.

2️⃣ Со стручност да изградиме здрави темели
Кога уништувањето е сопренo, се отвора пат за обнова.
Вториот чекор е, со стручност, да изградиме стабилен и здрав темел – со независни и компетентни луѓе кои знаат да решат: чистење на депонии, редовно собирање отпад, сигурен јавен превоз, уредени улици и зелени површини.
Тоа е темелот без кој градот не може да оди напред.

3️⃣ Со визија да создадеме град што инспирира
На здравите темели можеме да застанеме и да погледнеме напред.
Третиот чекор е, со визија, да изградиме Скопје кое не само што преживува, туку расте и инспирира – зелен, културно жив град, со сопствени идеи и модерна инфраструктура.
Град во кој ќе сакаме да останеме и на кој ќе бидеме горди.

Го сопираме уништувањето. Градиме здрави темели. Создаваме град со визија.
Тоа е патот на Независни заедно – процес што ќе го претвори Скопје во град на кој сите ќе сакаме да припаѓаме.
Ние веќе зачекоривме. Сега е време и ти да ни се придружиш!

Заследете нѐ на нашите профили