Кандидат за градоначалник на Општина Центар

Билјана Ивановска

Билјана Ивановска, – дипломиран економист. Својата кариера ја започна 1990 година во Собранието на Република македонија, како стручен соработник и советник во работните тела за економски прашања (Комисија за земјоделие, Комисија за стопнаство, и сл. Од 1996 до 2001 работи во Министерството за финансии во Секторот Буџет и фондови во делот на планирање на буџетските расходи на повеќе буџетски корисници ( образование, здравство, труд и социјала, култура, земјоделие и др.) Од 2001 до 2013, има извршено над 60 ревизии на органи на државна управа, државни фондови, јавни претпријатија и локални самоуправи.
Од 2013 до 2019 година работи во Ревизорското тело за ревизија на ИПА фондови, во делот за финансирање на земјоделството и руралниот развој ИПАРД.
Во периодот од 2019 до 2024 како претседателка на ДКСК, раководеше со една од најважните независни институции за борба против корупција. Резултаите од работата на Комисијата оставија трага во општеството и беа позитивно оценети од меѓународниот фактор.

Еве што Билјана има да каже

Како може да се смени ситуацијата и сликата на општината која е преполна со нелогична поставеност и гстина на зградите каде соседите живеат во залепени балкони?

Мислам дека за таквата девастација на општината требало и треба некој кривично да одговара, бидејќи правилата и прописите се модифицирале за да се овозможи профит за некого без да се обезбедат инфраструктурни можности за зголемување на станбените површини и бројот на жители.
Јас можам да ветам дека ние тргнуваме од нова основа каде личните профити и корупцијата излегуваат од игра и единствена идеја водилка во креирање на политиките ќе биде интересот на заедницата и нејзината иднина.

Дали мислите дека имате шанса со големите партии?

Големите политички партии веќе се разобличени пред граѓаните дека делуваат како трговски друштва со гласовите на граѓаните како капитал кој го ситнеа за свои профити. Центар сега има ШАНСА не да бира меѓу две зла, туку да даде глас за својата иднина. Транспарентните политики и решенија базирани на знаење и искуство со кои ќе го обликуваме животот во општината ќе бидат нашиот капитал. Дел од тие решенија ќе ги прочитате во нашата програма која ќе ја обајвиме наскоро. Настапуваме во заедништво со други независни организации со кои не поврзуваат исти вредности и визија за достоинствен живот.

По децении работа во служба на јавниот интерес, како ревизор и претседател на ДКСК, мојата борба за транспарентност, одговорност и правичност ја водев доследно и гласно — без компромиси. Одлучив таа борба да ја продолжам таму каде што секојдневно се одлучува за нашето живеење во локалната самоуправа.
Центар заслужува чесно и стручно управување — со вистински слух за граѓаните, урбанизам што штити, а не уништува, и јавен простор кој припаѓа на сите!